„Грција преку реката Марица присилно ги враќа мигрантите во Турција”

0
272

Грчките безбедносни сили на подрачјето на пограничната река Марица рутински ги враќаат барателите на азил и мигрантите во Турција, објави „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) во денешниот извештај, пренесува Anadolu Agency (AA).

Реката Марица, која тече од Бугарија низ Грција и Турција, често ја користат илегалните мигранти кои сакаат да преминат од Турција во Грција.

„Грчките службеници во некои случаи користат насилство и често ги конфискуваат и уништуваат работите на мигрантите кои тие ги носат со себе“, се вели во извештајот.

Извештајот содржи и видеоснимки на кои се прикажуваат мигранти врз кои се користи сила, кои се удираат од страна на припадниците на грчките безбедносни сили и се принудуваат да се вратат назад во Турција.

Тодор Гардос, истражител за Европа во „Хјуман рајтс воч“, чиј исказ исто така е вклучен, истакна: „Луѓе кои не извршиле кривични дела се притворани, тепани и истерани од Грција без никакво земање предвид на нивните права или безбедност.“

Гардос рече дека грчките власти треба веднаш да ги испитаат овие континуирани наводи.

„И покрај одбивањето на властите, се чини дека Грција намерно ја затвора вратата на многу луѓе кои сакаат да стигнат до Европската Унија преку границата на реката Марица“, рече Гардос.

Во извештајот се наведува дека од „Хјуман рајтс воч“ биле интервјуирани 26 лица баратели на азил и други мигранти во Грција во месец мај, а во октомври и ноември биле интервјуирани во Турција, при што се опишани 24 инциденти на присилно вратени мигранти преку реката Марица од Грција во Турција.

„Повеќето инциденти се случиле помеѓу април и ноември. Сите интервјуирани сведочеа за непријателското или насилното однесување на грчката полиција и на неидентификуваните сили со униформи и маски без препознатливи обележја“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека мигрантите биле тепани со раце и палки, со клоци, и дека во еден случај бил употребен и пиштол што парализира (онеспособува).

„Европската комисија, која обезбедува финансиска поддршка на грчката Влада за контрола на миграцијата, вклучително и за подрачјето на реката Марица, треба да побара од Грција да ги прекине сите враќања на барателите на азил кон Турција, да изврши притисок врз властите да ги истражат наводите за насилствата и да отвори правни постапки против Грција за кршење на законите на Европската Унија“, се порачува во извештајот на „Хјуман рајтс воч“.