Министрите за надворешни работи на Турција, Русија и Иран, се состанаа денес во Женева за да разговараат на темата за пронаоѓање политичко решение за кризата во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Состанокот на министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров и министерот за надворешни работи на Иран, Џавад Зариф, се одржува во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Женева.

Иранскиот министер Зариф пред почетокот на состанокот за новинарите изјави дека се надева дека од денешниот состанок ќе излезе позитивен резултат.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, денес ќе има и заеднички ручек со министрите на трите земји, а се наведува дека четворката е блиску до договор.

Се очекува Де Мистура и министрите на земјите гаранти денес да соопштат дека е формиран уставотворен комитет за Сирија.
Во согласност со Резолуцијата 2254, која Советот за безбедност на ОН едногласно ја усвои во декември 2015 година, во рамките на политичкиот процес потребно е да се работи и на пишување на новиот устав на Сирија. На Конгресот за национален дијалог, одржан во јануари 2018 година во рускиот град Сочи, донесена е одлука за формирање комисија за создавање на Уставот.










