Турската хуманитарна фондација ИХХ, во градот Котабато, во муслиманската автономска покраина Минданао на Филипините, отвори две сиропиталишта, едно основно училиште, џамија, бунар за вода и една менза, јавува Anadolu Agency (AA).
Сиропиталиштата, џамијата, мензата и бунарот за вода се изградени во Комплексот за сираци на Фондацијата во Котабато, додека основното училиште е изградено во градот Талајан.

На отворањето на овие проекти организирано во градот Котабато присуствуваа бројни гости меѓу кои заменик-претседателот на ИХХ, Саит Демир, претставникот на Турската хуманитарна фондација во Моро, Омер Кесмен, лидерот на Фронтот за спас на муслиманите Моро (MILF), Хаџи Мурад Ибрахим и претседателот на Агенцијата за развој на Бангсаморо, Мухамед Шуајиб Јакуп, како и други претставници и локални жители.
Заменик-претседателот на Турската хуманитарна фондација, Демир, во своето обраќање на отворањето истакна дека покрај хуманитарните проекти кои ги реализира низ светот, и со трајните дела Фондацијата продолжува да биде надеж за угнетените.
Лидерот на Фронтот за спас на муслиманите Моро, Ибрахим, нагласи дека постојано ќе ги развиваат постоечките односи со Турција, и дека секоја година ја посетува Турција каде што со надлежните разговара за иднината на муслиманите Моро. Според него, во ова подрачје со години се води борба за мир на народот Моро.

Ибрахим нагласи дека на 21 јануари 2019 година ќе се одржи референдум за „Bangsamoro Organic Law“, по што ќе се формира една привремена влада, и дека со тоа подобро ќе се разјасни статусот на териториите на Моро.
„Фала Богу, Турција е една од најмоќните земји која ни дава најголема поддршка“, рече Ибрахим, истакнувајќи дека Фондацијата реализира активности во повеќе области, отворање сиропиталишта, како и социјална помош.
„Исто така, Турската хуманитарна фондација во улога на набљудувач дава сериозен придонес во преговорите (со Владата на Филипините). Кога доаѓам во Турција се чувствувам како да сум дома, и многу сум среќен“, истака тој додавајќи дека меѓусебните односи ќе се интензивираат, упатувајќи благодарност до Турција поради дадената поддршка во овој период на транзиција за сеопфатна автономија.

Тој информираше дека се наоѓаат во последната фаза на борбата и отпорот кои во овој регион траат веќе 50 години.
Според него, со референдумот ќе ги утврдат подрачјата кои ќе бидат опфатени во рамки на „Bangsamoro Organic Law“.
„Оптимисти сме и имаме надеж дека поголемиот дел од локалното население ќе го поддржи референдумот“, истакна Ибрахим.

Од друга страна, претставникот на Турската хуманитарна фондација во Моро, Кесмен, нагласи дека колку што можат ќе реализираат различни хуманитарни активности, како што е изградба на сиропиталиште и училишта, и со тоа, рече тој, се обидуваат да дадат придонес кон каузата на народот Моро.
Сиропиталиштата во рамки на Комплексот за сираци на Фондацијата имаат капацитет за 96 деца, џамијата е со капацитет од 150 лица, додека бунарот за вода ќе ги задоволи потребите за вода на целиот комплекс.
Од друга страна, училиштето отворено во градот Талајан, има капацитет за 150 ученици. Целта со ова училиште е да се консолидира духовната врска меѓу Турција и Моро.










