Париската полиција објави дека во текот на денешните протести на „Жолтите елеци“ во главниот град на Франција се приведени 85 лица. Илјадници луѓе се собраа на 5. по ред саботен протест во Париз, јавува Anadolu Agency (AA).
Полициски извори нагласуваат дека од 85-те приведени, 46 се задржани во притвор.

Во центарот на Париз, на повеќе локации повторно дојде до судири на демонстрантите, таканаречени „жолти елеци“ и полицијата. Полицијата употреби солзавец за да ја растера масата, која се обиде да ги пробие кордоните на безбедносните сили.
Судири утрово избувнаа и во страничната улица, во близина на авенијата „Шанзелизе“. Демонстрантите се обидоа од авенијата да се пробијат во помалите улици, коишто не беа затворени и во кои и понатаму се одвива сообраќај. Имено, специјалните полициски сили се обидуваат да ги задржат протестите во одредени подрачја.

Движењето „Жолти елеци“, кое носи име по сигурносните флуоросцентни елеци, кои мораат да ги имаат во своите автомобили сите возачи во Франција, одржува протести петта сабота по ред. Протестите започнаа кон средината на ноември поради најавеното зголемување на данокот на гориво.
Во Париз денеска беа распоредени околу 8.000 полицајци и 14 оклопни возила, откако претходните саботи протестите прераснаа во насилство.









