Скопје: По шест месеци, погребани телата на двајцата мигранти

0
270

Телата на Сухел Ахмет (35) и Ахмет Шакир (29), мигранти од Бангладеш, денеска беа погребани на Градските гробишта во Бутел, Скопје, откако шест месеци стоеле во капелата поради бирократските процедури, јавува Anadolu Agency (AA).

Мигрантите го загубија животот на 25 јуни оваа година, кога на магистралниот пат Радовиш – Штип, товарното возило марка „ивеко“, во кое се превезувале мигрантите, удрило во ограда од мост, при што уште 17 мигранти беа повредени, а возачот избега од местото на несреќата.

Одлуката за погребување на загинатите мигранти е донесена откако Основното јавно обвинителство на Македонија потврдило дека телата се идентификувани и дека може да се погребаат.

Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис“ од Скопје вели дека телата на загинатит мигранти од случувањето на несреќата биле преземени од Судска медицина, а оттаму биле префрлени во капелата на Градските гробишта во Бутел, Скопје.

Реџепи истакна дека оттогаш, па сè до денес, случајот со загинатите мигранти од Бангладеш не бил решен и талкал по лавиринтите на институциите. Според него, во претходните над 30 вакви случаи, процедурата се знаела, откако ќе завршела Судска медицина обвинителот давал насоки тие да бидат погребани.

„Ако не сме можеле да им пружиме сигурност на нашите патишта во нашата земја, барем најмалку што сме можеле е да им пружиме еден достоинствен погреб“, рече Реџепи. Тој, исто така, посочи дека за денешниот погреб биле известени и роднините на мигрантите, а тие на некој начин биле задоволни бидејќи конечно по 6 месеци ќе можат да знаат каде се телата на нивните деца.

Тој додаде дека поради финансиската состојба семејствата на мигрантите не можеле да присуствуваат на денешниот погреб.

Во времето на бегалската криза во 2015 и 2016 година, Република Македонија беше дел од таканаречената Балканска рута низ која поминуваа бегалците и мигрантите што доаѓаа од земјите на Блискиот Исток. Од март 2016 година, оваа рута официјално е затворена. Според податоците на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ), низ Балканската рута во 2015 и 2016 година поминале над 1,1 милион луѓе.

Инаку, од почетокот на бегалската криза па сè до донесувањето на измените на Законот за азил во месец јуни 2015 година година, со чии измени им беше дозволено на бегалците да користат јавен превоз при транспорт од македонската јужна кон македонската северна граница, загинаа најмалку 30 бегалци.