Самитот на лидерите на ЕУ започна со дискусија околу Брегзит

0
159

Започна дводневниот Самит на лидерите на ЕУ во Брисел со учество на лидерите на 28-те земји членки на ЕУ, на кој ќе се разговара за теми како надворешна политика, економија и финансиско единство, јавува Anadolu Agency (AA).

Во изјавите на лидерите пред Самитот на преден план излегоа пораките дека не е можно да се промени Договорот за Брегзит постигнат минатиот месец меѓу Велика Британија и ЕУ.

Британската премиерка Тереза Меј се осврна на гласањето за доверба во нејзината партија, и рече дека веќе треба да се фокусираат на гласањето за Договорот за Брегзит.

Меј нагласи дека во Британија и ЕУ се вршат подготовки и за сценарио без договор, и дека постигнување договор ќе биде во корист на двете страни.

„На Самитот на лидерите на ЕУ ќе ја пренесам загриженоста на британските парламентарци во врска со политичките и правните гаранции. Но се надевам дека ќе можеме да работиме врз потребните гаранции“, нагласи Меј, потсетувајќи дека наредните парламентарни избори во нејзината земја ќе се одржат во 2022 година, и потврди дека на овие избори нема да се кандидира за лидер на партијата.

Од друга страна, германската канцеларка Ангела Меркел нагласи дека покрај темите за буџетот, на Самитот ќе се разговара за зголемената тензија меѓу Русија и Украина, за Србија и Косово, како и за Брегзит.

„Не можеме да го менуваме Договорот за Брегзит кој беше прифатен од страна на 27-те земји членки на ЕУ“, истакна таа, и додаде дека е можно да разговараат за дополнителни гаранции за кои Британија има потреба.

Францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека е можно да имаат политичка расправа во врска со Брегзит, додавајќи: „Не можеме повторно да отвориме преговори за еден Договор кој е правно обврзувачки.“

Меѓу другото, холандскиот премиер Марк Руте истакна дека се подготвени да ѝ понудат потребна помош на британската премиерка Меј, и дека не е можно Договорот за Брегзит повторно да биде отворен за преговори.

Руте потсети дека Британија донесе одлука за да излезе од ЕУ и дека постави некои црвени линии, како и тоа дека постоечкиот Договор е единствениот договор кој може да се постигне.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц подвлече дека не може повторно да се водат преговори за Договорот, и дека е можно подетално да разговараат во врска со односите меѓу ЕУ и Британија кои ќе се градат во иднина.

Од друга страна, премиерот на Естонија, Јури Ратас, информираше дека главните точки од дневниот ред на Самитот ќе бидат буџетот, Брегзит и Украина. „ЕУ и Британија имаат потреба да се постигне договор“, додаде тој.

Ратас рече дека ќе разговараат и за настаните во Украина, и дека ЕУ треба да го заштити украинскиот народ и територијалниот интегритет на оваа земја.