Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес соопшти дека Турција за неколку дена ќе започне операција источно од Еуфрат, Сирија, со цел да го спаси подрачјето од сепаратистичката терористичка организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој во своето обраќање на Самитот на турската одбранбена индустрија во Анкара нагласи дека целта на Турција со операцијата источно од Еуфрат, никогаш не биле американските војници, туку припадниците на терористичката организација.
Турскиот претседател нагласи дека Турција досега немала анимозитет ниту кон американската администрација, ниту кон американските војници во Сирија.
„Покрај сѐ, Америка ја гледаме како наш стратешки сојузник со кого во иднина можеме да се движиме заедно под услов да бидеме на праведна основа. Не треба да дозволиме нашите длабоки несогласувања во однос на сириската политика, која ја гледаме како егзистенцијално прашање за нашата земја, да бидат пречка пред нашата идна голема соработка. Со ова разбирање, кажавме и кажуваме дека за неколку дена ја започнуваме операцијата за ослободување на источниот дел од (реката) Еуфрат од сепаратистичката терористичка организација. Американските војници не се наша мета, нашата мета се припадниците на терористичките организации кои дејствуваат во регионот“, рече Ердоган.
Ердоган истакна дека е јасно оти целта на набљудувачките точки на Соединетите Американски Држави (САД) во Сирија не е да ја заштитат Турција од терористите, туку да ги заштитат терористите од Турција.
Турскиот претседател рече дека иако околу 80-85 отсто од Мунбич, Сирија, им припаѓа на Арапите, таму сѐ уште има терористички групи.
Осврнувајќи се на посветеноста на Турција на полето на одбранбената индустрија истакна дека земјата спроведува 650 проекти со вкупна вредност од 60 милијарди долари.
„Со чекорите кои ги направивме во изминатите 16 години остваривме голем прогрес и ја подигнавме државата на значително повисоко ниво”, нагласи Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес соопшти и дека името на првиот повеќенаменски хеликопер од турско производство T625 ќе биде „Ѓокбеј“.
„Ние успешно ја доведовме Турција до брз раст (на полето на одбраната)“, изјави Ердоган на Самитот.
Според Турската авионска индустрија (TAI), T625 е хеликоптер со двоен мотор, класа на хеликоптер од шест тона од новата генерација, развиен како одговор на зголемената побарувачка на пазарот.
Турскиот претседател нагласи дека домашниот борбен тенк, развиен со примена на нови технологии, ќе биде достапен за Турските вооружени сили.
„Домашните проектили Касирга, Бора и Сом сега се во фаза на сериско производство и нашата работа продолжува кон создавање нови модели“, додаде тој.
Истакна дека Турција ќе дојде до доминантна позиција со производството на домашните проектили со долг дострел на кои веќе се извршени пробни лансирања.











