Кампот на Фондацијата Реал Мадрид одлична можност за промоција на Охрид како спортска дестинација

0
134

Охрид ќе ја има привилегијата да биде меѓу местата кои биле домаќини на кампот на најпрестижниот клуб на светот на сите времиња Реал Мадрид.

Од 14-ти до 18-ти јануари во хотелот „Аквалина“, ќе се одржи вториот фудбалски камп на Фондацијата Реал Мадрид.
Кампот е наменет за деца, момчиња и девојчиња на возраст помеѓу 7 и 17 години.

Фондацијата Реал Мадрид ја развива социјалната посветеност на „кралскиот клуб“ преку образовни проекти и социјална интерграција, ја промовира практиката на типски спортови во Шпанија и во светот застапувајќи ги позитивните и образовните вредности на спортот, потенцира Влатко Тодев, прв човек на „Спорт Арена“, лиценциран партнер на Real Madrid Campus Experience во Македонија.

– Campus Experience е проаект со специфични активности во областа на едукацијата развиена од Фондацијата Реал Мадрид, за да им се даде можност на сите учесници, момчиња и девојчиња кои сакаат да се едуцираат преку играње фудбал на начин од нивните соништа. Овој спортски едукативен проект на глобално ниво постои повеќе од една деценија како најсилен проект во светот на спортот, меѓународен и мултикултурен проект. Колку за илустрација, лани над 3000 деца од 100 националности биле заедно. Присутен е на пет континенти, учесниците се обединети од нивната страст кон фудбалскиот клуб Реал Мадрид и вредностите на клубот: напорна работа, иницијатива, самоконтрола, тимска работа и респект, потенцира Тодев.

Со децата ќе работат професионални тренери, психолози и дипломирани едукатори. Мисијата е да се вклучат во образовни содржини, спортска забава, социообразовни дејности и вештини поврзани со спортот.
Импресионирани сме колку од „кралскиот клуб“ се инволвирани, колку се грижат за се да биде во ред, рече Горан Ѓоргоноски од Агенцијата КМГ спорт, која е коорганизатор на настанот.

– Се ова што ќе се случува во Охрид ќе излезе на официјалната страна на Реал Мадрид. Се надевам дека овој проект ќе ни ги отвори вратите за понатаму да можеме да разговараме и за многу поголеми работи. Децата ќе добијат се што треба, од здравствени прегледи, превоз, опрема сместување и тренери кои доаѓаат директно од клубот, истакна Ѓоргоноски.

Општина Охрид секогаш е поддржувач на вакви проекти кои значат развој на младите, на спортскиот дух, позитивна енергија и сето тоа ќе придонесе за своевидна промоција на нашиот град, рече градоначалникот Јован Стојаноски.

– Во наредните години може да потпишеме договор за соработка или друга форма на кооперација. Општината ќе се залага за развој на позитивната енергија, а се разбира спортот е еден од предусловите. Наскоро ќе излеземе со своевидна промоција на Охрид како нова спортска дестинација и на таков начин сакаме да дадеме придонес како локална во развојот на туризмот и пренасочување на сегментот на гости кои доаѓаат, истакна Стојаноски.

Пријавувањето за учество на кампот е во тек, а се одвива преку страната campusexperiencermf.com/mk/македонија/. Воглавно учеството е на товар на децата, а за неколку ќе бидат обезбедени бесплатни ваучери.

Интересот е огромен, се очекува на 25-ти декември да биде затворен списокот на учесници, по што ќе следи техничка подготовка за настанот. Максималниот број учесници е 100, а еден тренер ќе биде задолжен за 20 деца.

По кампот, ќе следи нов проект каде соработката ќе продолжи со фудбалските клубови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес