Во сите џамии во Турција ќе биде организирана акција за собирање на помош за Јемен, јави агенцијата Анадолу (АА).
Имено, во соопштението на Управата за верски работи на Република Турција (Дијанет) се наведува дека помошта ќе се собера во 90 илјади џамии утре после џум-намаз.
Се вели дека муслиманите во Јемен се соочуваат со голема глад, болест и страшна војна.
Во соопштението се додава дека акцијата е покрената со што би се искажала солидарност со муслиманите во таа земја.
Граѓаните на Турција ќе можат да учествуваат во кампањата за собирање помош и испраќање на пораки преку мобилни телефони.
Потсетуваме дека мировните преговори за крајот на војната во Јемен започнаа денес во Стокхолм, главниот град на Шведска. Преговорите се одржуваат под покровителство на Обединетите нации (ОН), а на преговарачка маса се наоѓаат делагациите на меѓународно признаената Јеменска влада и бунтовничкото движење Хути.
Јемен е сцена на длабока политичка и безбедносна криза која ескалираше во граѓанска војна кон крајот на 2014 година. Хути бунтовничкото движење го контролира главниот град Сана и неколку други важни региони на земјата, а меѓународно признаена влада на Јемен функционира од пристанишниот град Аден.
Конфликтите во Јемен се дополнително зајакнати во март 2015 година, кога Саудиска Арабија и нејзините сојузници почнаа да извршуваат воздушни напади врз позиции на бунтовниците.
Војната ја уништи инфраструктурата, вклучувајќи ги и здравјето, водостопанството и канализацијата, што ги натера ОН да ја опишат ситуацијата во таа земја од Заливот како една од најлошите хуманитарни катастрофи на модерното време.











