По објавувањето на вознемирувачката видеоснимка на социјалните мрежи, британското Обвинителство покрена истрага против 16-годишно момче кое тепаше и малтретираше 15-годишно момче, мигрант од Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
На социјалните мрежи вчера се прошири аматерска снимка на која се гледа како британски ученик малтретира сириско момче и го посипува со вода додека е на земја, заканувајќи му се дека ќе го задави.
Инцидентот се случил на 25 ноември, во дворот на училиште во градот Хадерсфилд, а го снимил ученик од истото училиште.
Британската полиција соопшти дека 16-годишниот напаѓач е приведен и дека против него е започната истрага за напад извршен од омраза.
Во соопштението се наведува дека сириското семејство е ставено под полициска заштита, бидејќи момчето и претходно било цел на напад, поради што истрага се води и против тројца други британски момчиња.
На снимката може да се забележи дека сириското момче на раката носи гипс поради повреда здобиена во претходниот напад.
Раководството на училиштето соопшти дека инцидентот е од сериозни размери и дека е потребно да се стори сѐ, за да не се повторат слични инциденти.
Сириското момче по нападот мирно стана и се оддалечи од напаѓачот, а со хуманитарна кампања за помош на неговото семејство, граѓаните на Хадерсфилд собраа околу 50.000 фунти.










