Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги повика Русија и Украина да ги решат проблемите преку дијалог, објави агенцијата Анадолу (АА).
Турскиот претседател и претседател на Партијата за правда и развој (АК-партија) денеска се обрати пред Клубот на претставници на Големото народно собрание, а говорот започна со оддавање почит на четворицата турски војници, кои вчера загинаа во хеликоптерска несреќа во Истанбул.
Ердоган ги коментираше растечките тензии меѓу Русија и Украина после неделниот инцидент во Керченскиот теснец и изрази жалење поради новата криза во Црното Море.
Тој изрази загриженост во врска со обновата на руско-украинските несогласувања откако минатиот период создаде впечаток дека тие се спласнале.
“Како земја која е близок пријател и негува добри односи со Русија и Украина, ние сакаме Црното Море што поскоро да стане море на мирот. Затоа ја повторуваме поканата до нашите пријатели во Русија и Украина за решавање на проблемите преку дијалог “, рекол Ердоган.
Истакнувајќи дека светот се соочува со сериозни политички, економски и воени закани, Ердоган изјавил дека ќе биде среќен Русија и Украина да ги гледа една покрај друга, а не меѓусебно спротивставени.
“Сакам да кажам дека сметаме дека за народите на Русија и Украина би било корисно да ги обноват добрите односи што ги имале низ историјата”, рекол Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган, исто така, истакнал дека земјата поминува низ важен период на политички, регионални и глобални предизвици и додаде дека е интензивно посветена на одбраната на своите права во Егејското Море, Медитеранот и во случајот со кипарското прашање.
“Отворени порачувам дека сите обиди на оние кои сакаат да ја спречат Турција да ги брани своите права во Егејското Море и во Кипар се осудени да пропаднат. Ние сме решени да ги искористиме нашите права врз основа на меѓународното право и соодветно да одговориме на оние кои ни се противат на овој пат “, истакнал Ердоган.
Ердоган, исто така, рекол дека Турција нема да дозволи економска и политичка доминација на Медитеранот од страна на земји кои немаат право да го сторат тоа.
“Оние кои трепереа како прат пред мигрантскиот бран одеднаш стануваат лавови кога ќе стане збор за нафта, гас и политички ренти. Од една страна, ја имаме Турција која има 4.5 милиони бегалци, а од друга страна ги имаме оние кои во водите на Средоземното и Егејско море ги закопуваат луѓето кои пловат во чамци. Кој е тука на страната на човештвото и човековите права? Сити сме од ваквите игри кои и порано нас ни беа сервирани. Ние нема да се откажеме од нашите права во источниот дел на Медитеранот и во другите региони, а на крај ќе ги браниме правата на нашиот народ и на нашите пријатели “, изјавил Ердоган.











