Се одбележуваат 90 години од основањето на Музејот „Д-р. Никола Незлобински“ во Струга

0
248

Со бројни настани и свечености во Струга се одбележуваат 90 години од основањето на Музејот „Д-р. Никола Незлобински“.

Програмата започнува денеска од 13:00 часот со историско документаристичка изложба „Русите во Македонија“ во соработка со Државен архив на РМ. За изложбата со свое излагање ќе се обратат претставници од руската амбасада, како и претставник од државниот архив. Изложбата ќе се одржи во Галерија „Ванѓел Коџоман“.

Во административната зграда на музејот утре напладне ќе биде поставена ареолошката поставка „Во допир со минатото“, каде ќе бидат изложени предмети од археолошки локалитети од струшкиот регион: локалитет „Св.Илија“, Делогожда; Локалитет „Голача“, с.Ташмаруништа; Подводен локалитет „Врбник“ Струга; локалитет „Куќа на Караѓуле“.

Дејноста на Д-р Никола Незлобински, музејот ќе ја чествува со прикажување на дигитализирани фотографии од целосната фото збирка на стаклени негативи, оставштина од Незлобински и неговиот тим на соработници. Оваа збирка е исклучителен документ за Струга и струшко во минатото, како и сведоштво за сестраната пасија на рускиот научник, да ги забележи, истражува, запомне, биолошкиот и социјалниот свет на регионот, на почетоците од дваесеттиот век. Изложбата ќе биде поставена во зградата на природонаучната збирка,во петок, 30-ти ноември, во 13.00, а истиот ден, во 13.30 ќе биде промовирана и книгата „Фотомонографија од збирката на стаклени негативи на Д-р Никола Незлобински“, во „Спомен дом на Браќа Миладиновци“. Промотор на фотомонографијата е Д-р Елеонора Петрова Митевска, директор на Управа за заштита на културно наследство.

Со неделата посветена на јубилејот струшкиот музеј се приклучува кон прославувањето на Европската година на културно наследство.

Во далечната 1928, рускиот емигрант, воен доктор, еден од протераните белогардејци, д-р Никола Незлобински, заедно со сопругата Софија и тим од соработници е упатен во Струга, за да му помогне на населението да се справи со маларијата, болест која зазема епидемични размери во овој регион. Покрај големиот придонес за подобрувањето на здравјето на населението, но и подобрувањето на животните услови со дренирањето на Струшкото блато, Незлобински во нашата јавност, ќе остане запаметен по оставштината на импресивна збирка, која сведочи за богатството и разновидноста на живиот свет во и околу регионот на Охридското езеро.

Во 1938, Незлобински повел иницијатива за отварање на засебна зграда каде ќе бидат изложени препарирани животни присутни во поднебјето. Зградата со ангажман и на населението идната година била завршена. Со ова Незлобински ги поставува основите на првиот природонаучен тематски музеј и воопшто темелите на музеологијата во Македонија.


Денес, музејот се наоѓа во истата зграда, а експонатите сеуште пленат со својата афтентичност. Многу од видовите, исчезнале после пресушувањето на блатото, но за богатстовто на регионот сведочат околу 8000 примероци ( 6000 од нив, инсекти и пеперутки), кои можат да се погледнат во природонаучната поставка. Денес во музејот, покрај биолошкото одделение, функционираат и археолошко одделение, одделение за етнологија и ликовно одделение. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива