Турската полиција денес врши претрес во вила во северозападната турска област Јалова, во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што истакнуваат полициски извори, полицијата и жандармеријата презеле безбедносни мерки околу двокатната вила во подрачјето на Термал, Јалова.

Операцијата е поддржана од беспилотно летало и од кучиња трагачи.
Претресот сè уште трае.

Инаку, на саудискиот новинар и колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“ („The Washington Post“) Џамал Кашоги, му се губи секаква трага по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Откако првин кажаа дека Кашоги го напуштил Конзулатот, неколку недели подоцна саудиските власти признаа дека тој бил убиен внатре, во Конзулатот, префрлајќи ја вината врз група саудиски оперативци.










