Зад атентатот на рускиот амбасадор Карлов стои терористичката мрежа на ФЕТО

0
179

„Зад атентатот на рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, кој е убиен на 19 декември 2016 година во Анкара, стои терористичката и шпионска мрежа ФЕТО, на чело со Фетула Ѓулен“, се наведува во обвинението кое денес е проследено до судот во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Истражните органи на Република Турција ја завршија истрагата во врска со атентатот на Карлов, а обвинението што го подготви обвинителот од Кабинетот за борба против тероризам и организиран криминал, Адем Акинџи, денес е проследено до 2. Кривичен суд во Анкара.

Со обвинението на вкупно 609 страници се опфатени 28 осомничени лица, вклучувајќи го и лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен.

Тие се товарат за кривични дела, „кршење на уставниот поредок“, „членство во вооружена терористичка организација“, „планирано убиство со елементи на тероризам“, „пукање од оружје со терористичка цел предизвикување паника, страв и загриженост“.

За осомничените се побарани доживотни затворски казни и други повеќегодишни затворски казни. Во обвинението, меѓу останатото, е истакнато дека зад атентатот на амбасадорот Карлов стои терористичката и шпионска мрежа ФЕТО, на чело со Ѓулен, која е одговорна и за обидот за пуч во Турција на 15 јули 2016 година.

Атентатот на Карлов е окарактеризиран како чин на провокација кон турско-руските односи. Атентатот на амбасадорот Карлов е извршен во Уметничката галерија во Анкара, во моментот додека се обраќаше пред присутните на изложбата. Атентаторот му пријде и го усмрти со куршуми од оружје, а полицијата потоа го уби напаѓачот.

Убиството на амбасадорот Карлов се случи во екот на процесот на нормализирање на турско-руските односи, а Карлов беше еден од важните актери на тој процес.