Косовската полиција утрово спроведе акција во Северна Митровица во врска со убиството на српскиот лидер на „Слобода, демократија и правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ, при што беа уапсени четири лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата за информации на Косовската полиција за АА потврди дека во северниот дел на Митровица, по наредба на надлежниот суд, беа спроведени неколку рации поврзани со продолжување на истрагите за случајот на убиството на Оливер Ивановиќ.
„Полициските единици спроведоа рации на четири локации и уапсија четири лица, тројца поврзани со истрагата за случајот и едно лице што им се спротивстави на полициските службеници. Во консултација со надлежниот обвинител, истрагата продолжува според понатамошната законска процедура“, соопштија од Косовската полиција.
Ивановиќ беше убиен на 16 јануари оваа година пред седиштето на СДП во Косовска Митровица. Во февруари беа уапсени двајца полициски службеници поврзани со истрагата.









