Унгарската опозиција жестоко се спротивставува на азилот за Груевски во Унгарија. Денеска на унгарскиот Парламент осамна големо платно на кое има слика од Никола Груевски и пишува „ВИП мигрант на Орбан“.
Опозицијата во Националниот парламент Унгарија ја доведе во прашање политиката на азил на власта поради аферата со бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој се бара со меѓународна потерница за издржување на двегодишната затворска казна.
-Унгарската Влада се откажа од политиката за азил, прифаќајки бегалец, обвини Адам Миркошки од опозициското движење за подобра Унгарија – Јобик, кое е втора политичка сила во Парламентот, објави „Index.hu“.
Тој воедно прашува и каква улога имале унгарските власти во однос на преминувањето на границите, како и кое министерство, кој и по чија наредба било постапувано во случајот со Груевски.











