Министрите за европски прашања на 27 земји-членки на ЕУ денеска го одобрија предлог-договор за повлекување на Велика Британија – Брегзит.
Тоа после состанокот во Брисел, го изјави австрискиот министер, Гернот Блимел.
“Првата тешка фаза е завршена. Успеавме да го сочуваме единството “, рекол Блимел, чија земја моментно ја предводи Европската унија.
Доналд Туск, претседател на Европскиот совет, минатата недела ја најави финализацијата на договорот за Брегзит на вонредниот самит на ЕУ на 25-ти ноември.
По година и пол преговори со ЕУ, британската премиерка Тереза Меј минатата недела го усвои нацрт-договорот за Брегзит, кој дава преглед на идните односи меѓу двете страни.
По усвојувањето на договорот, неколкумина министри поднесоа оставка, а расте и бројот на пратеници кои бараа гласање за довербата на нејзиниот кабинет бидејќи се противат на нејзиниот предлог.











