Ердоган: „Турски тек со бројни предности не само за Турција, туку и за регионот“

0
179

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, заедно со рускиот претседател, Владимир Путин, учествуваа на церемонијата за завршување на морскиот дел на проектот за природен гас „Турски тек“, што се организираше во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).

Турскиот претседател, Ердоган, во својот говор на свеченоста истакна дека веќе стигнале до последната фаза од проектот „Турски тек“.

„Турски тек поседува бројни предности не само за нашата земја и за нашиот народ, туку и за нашите соседи и за регионот“, рече Ердоган.

Тој нагласи дека денес сведочат на еден нов чекор направен во областа на енергетиката меѓу Турција и Русија.

„Ако даде Господ, проектот „Турски тек“ ќе биде подготвен да се стави во функција по тестирањата што ќе бидат направени во 2019 година“, додаде Ердоган.

„Руската Федерација за нас претставува еден веродостоен пријател со кого можеме да соработуваме долги години, и еден значаен снабдувач на природен гас“, рече Ердоган, и додаде дека целта е да достигнат трговска размена со Русија од 100 милијарди долари.

Турскиот претседател нагласи дека Турција од 1987 година досега извршила откуп на природен гас од 387 милијарди метри кубни од Русија, и дека тоа покажува дека нивните меѓусебни односи на полето на енергетиката минале низ секакви видови тестирања.

„Ние рамките на нашите билатерални односи со Русија никогаш не ги утврдувавме според барањата и наметнувањата на другите земји“, додаде Ердоган.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин, во своето обраќање рече дека проектот е именуван како „Турски тек“ од страна на Ердоган, и дека нивната цел е со Турција да достигнат обем на трговска размена од 100 милијарди долари.

„Ние, како Русија и Турција, во текот на долги години имаме многу успешни односи во областа на енергетиката.

„Турски тек“ ќе ја претвори Турција во еден значаен центар за природен гас, и позитивно ќе влијае врз позицијата на Република Турција“, рече Путин.

„Не е можно да се реализира ваков проект (Турски тек) без да постои доверба меѓу двете земји“, нагласи тој, упатувајќи благодарност до Ердоган поради неговата политичка волја и храброст.

Рускиот претседател истакна дека веруваат оти целиот проект ќе заврши до 2019 година, и дека во реализација на проектот се користат најнапредните еколошки технологии.

„Без политичка волја и храброст, не ќе беше можно да се реализира ваков проект во вакви услови на зголемена конкурентност“, заклучи Путин.

Гасоводот „Турски тек“ се состои од две гасоводни цевки, од кои секоја одделно има капацитет на транспорт од 15,75 милијарди кубни метри.

Едната гасоводна цевка на Турскиот тек ќе се користи за трансфер на руски гас во Турција. Втората гасоводна цевка ќе служи за трансфер на рускиот гас до Европа преку Турција.