Главното јавно обвинителство на Саудиска Арабија соопшти дека побарало смртна казна за 5 лица во случајот за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
„Трупот на Кашоги е исечен на парчиња во Конзулатот, а потоа изваден надвор“, истакна портпаролот на Главното јавно обвинителство, Шелан еш Шелан, на прес-конференција во Ријад. Шелан нагласи дека поранешниот заменик-шеф на разузнавањето, Ахмед ел Асири, издал наредба за формирање екипа која ќе го истражува убиството на Кашоги, додека, како што рече тој, „наредбата за неговото убиство е дадена од претседателот на оваа екипа“.
„Побарана е смртна казна за 5 лица во случајот за убиството на Кашоги“, додаде тој. Шелан рече дека од вкупно 21 осомничен за убиството на Кашоги, обвинети се 11 лица, и предметот за нив е поднесен до суд.
Истакнувајќи дека веројатно е обезбедена снимка на локалниот соработник кој го примил трупот на Кашоги, Шелан додаде дека еден од обвинетите за убиството на Кашоги ги оштетил камерите во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Шелан рече дека донесена му е забрана за патување во странство за Сауд ел Кахтани, разрешениот потсекретар на Кралскиот суд.
Саудискиот новинар Кашоги, колумнист на „Вашингтон пост“ („The Washington Post“), беше убиен на 2 октомври во просториите на саудискиот Конзулат во Истанбул.










