Израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, денес поднесе оставка, ден откако беше постигнат договорот за прекин на огнот меѓу палестинските фракции за отпор и Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не барав причини за оставка“, изјави Либерман на прес-конференцијата.
Тој како причина за оставката го наведе договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и катарските средства за блокираната палестинска територија.
„Она што ние го правиме како земји е купување краткорочен молк по цена на долгорочна безбедност“, изјави тој и додаде: „Не се согласувам со дозволувањето на внес на катарски пари во Газа, а морав да го дозволам тоа само откако премиерот го објави“.
Израелските медиуми јавуваат дека Либерман ја соопштил одлуката за оставка на затворениот состанок на раководството на неговата партија Јисраел Беитену.
„Тука сум официјално да ја соопштам одлуката за оставка како министер за одбрана“, беше цитиран Либерман. „Она што се случи вчера, договорот со Хамас, претставува предавање пред теророт. За тоа не постои друга интерперентација“, изјави Либерман.
Според извори блиски до Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, оставката на министерот за одбрана може да доведе до распуштање на Кнесетот.
Палестинската група за отпор, Хамас, ја пофали оставката на Либерман, велејќи дека тоа претставува политичка победа за Појасот Газа.
Портпаролот на Хамас, Сами Абу Зухри, на социјалната мрежа Твитер напиша дека оставката, исто така, претставува знак на пораз и беспомош во пресрет на палестинскиот отпор.









