Во „Алтинпарк“ во Анкара е забележан редок примерок на врапче, кое поради фактот што поголемиот дел од неговото тело, очите и крилјата не му се обоени, се нарекува и „делумно албино“.

Емин Јогуртџуоглу, експерт за животот во дивина и набљудувач на птици, кој минатата година за првпат го фотографираше ова врапче, успеа и оваа година во паркот „Алтинпарк“ во Анкара да го фотографира заедно со останатите врапчиња кои се со класичен колорит.

Белото врапче кое според својот различен колорит на пердувите и изгледот се издвојува од останатите врапчиња, го привлекува интересот на љубителите на животните и фотографите.

Јогуртџуоглу за АА изјави дека од својата 12-годишна возраст одблиску се интересира за птиците во природата и таа негова љубопитност и интерес кон птиците на крајот станала негова професија.

Експертот за животот во дивина, Јогуртџуоглу, информираше дека вршел набљудување на птиците на целата територија на Турција и уште во 60 други земји од светот. Јогуртџуоглу рече дека белото врапче веќе една година живее во Алтинпарк во Анкара.

Велејќи дека никогаш претходно не видел бело врапче, Јогуртџуоглу раскажува: „Ова врапче веќе една година е тука. Минатата година во периодот август-септември мајка ми ми рече: Во паркот има бело врапче. Мора да дојдеш да го видиш. Подоцна во мојот двор го видов врапчето што го спомена мајка ми“.

Истакнувајќи дека секоја бела птица не треба да се именува како „албино“, Јогуртџуоглу ги даде следните информации:

„Тоа е ситуација којашто се забележува и кај луѓето. Освен тоа, можеме да кажеме дека птицата не е во потполност албино. Албино настанува поради недостатокот на меланин, а тоа влијае врз целата пигментација во организмот, вклучувајќи го и ирисот. Забележаното врапче претставува примерок на „делумно албино“. Кај овој примерок се забележува дека очите му се црни и на крилјата има многу мали полиња со колорит, додека кај албиното не може да се пронајде ниту еден примерок на боја. Нивните очите се розеви“.

Јогуртџуоглу рече дека со неговите пријатели фотографи направиле неколку кадри од белото врапче. „Покрај него постојано се наоѓа женка врапче со нормален колорит, која воопшто не се разделува од него. Заедно се од минатата година. По минувањето на толку долг период, многу се израдував кога вчера повторно го видов. Белите врапчиња во природата не можат да живеат многу долго, тие се честа цел на грабливците во природата. Нормалните врапчиња имаат камуфлирачки бои. Станува збор за многу убав примерок кој успеал да остане во живот“, рече Јогуртџуоглу.

– „За еден час можете да видите од 15 до 20 вида“ –

Јогуртџуоглу посочи дека за време од 15 години, во „Алтинапарк“ во Анкара забележал околу 150 различни видови на птици. „Потребно е само внимателно да се набљудува секое место, не само во птичјите раеви специјално подготвени за нив. За време од 1 час би можеле да забележите од 15 до 20 различни видови, а ако уште малку се прошетате, бројката би можела да изнесува и 40 вида. Најмногу што сум успеал да видам во еден ден се 52 вида птици“, рече Јогуртџуоглу.

Велејќи дека одвреме-навреме во Анкара е можно да се забележат ретки видови птици, Јогуртџуоглу истакна дека во езерцата во главниот град на Турција, Анкара, е можно да се види езерската птица „рибарче“ (водомар).