Стогодишнина од Првата светска војна: Во Париз доаѓаат 70 шефови на држави и влади

0
242

По повод 100. годишнина од завршувањето на Првата светска војна, Париз утре ќе биде домаќин на повеќе од 70 шефови на држави, јавува Anadolu Agency (AA).

Меѓу бројните лидери се очекува и присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, рускиот Владимир Путин, како и американскиот претседател Доналд Трам. Мировниот договор е потпишан на 11 ноември 1918 година, и по тој повод утре во Париз ќе биде и официјалното одбележување на оваа годишнина.

Поминаа 100 години од завршувањето на Првата светска војна, која ја смени политичката мапа на светот и во која беа повредени и загинаа повеќе милиони луѓе.

Во 1914 година, Австро-Унгарија ѝ објави војна на Србија, и така ја почна Првата светска војна. Непосредна причина за војната беше атентатот на австроунгарскиот престолонаследник, надвојводата Франц Федрдинанд, кој се случи еден месец порано во Сараево.

Првата светска војна беше и глобален вооружен судир помеѓу два сојуза на држави (Антантата и Централните сили), кој се одвиваше на повеќе континенти, помеѓу 1914 и 1918 година. Последиците од војната, меѓу другото, беа повеќе од 40 милиони жртви, вклучувајќи околу 20 милиони загинати војници и цивили и значително уништување на држави, и се смета за прва војна од глобални, светски размери.

Поради тоа првично е наречена Големата војна или Војна која ќе ги заврши сите војни. Првата светска војна важи за еден од најсмртоносните судири во модерната човекова историја.

Војната која е завршена со потпишување на капитулација на Германија, траеше четири години, а покрај воените жртви, дојде и до појава на различни болести и епидемии.

Русија и Германија се две земји кои дадоа најмногу жртви во Првата светска војна. Имено, во Првата светска војна загинаа 1,8 милион руски и 1,7 милион германски војници. Трета земја е Франција со 1,3 милион загинати војници.