Со истрагата е утврдено дека во авионот на компанијата „Лајон ер“ („Lion Air“) не се случила никаква експлозија сè до неговиот пад во морето, јавува Anadolu Agency (AA).
Авионот на компанијата „Лајон ер“ се сруши во понеделникот минатата недела и тоа по 13 минути по полетувањето од Џакарта кон Пангкал Пинанг.
Несреќата се случи во морето кај Западна Јава, а во авионот „Boeing 737 MAX 8“ имаше вкупно 189 патници и членови на посадата.
Претседателот на Комисијата за безбедност на сообраќајот на Индонезија, Соерјанто Тјахјоно, соопшти денес дека истрагата спроведена на пронајдените сегменти на остатокот од авионот покажала дека за време на летот не се случила никаква експлозија во леталото.
Тој изјави дека авионот бил целосен сè до ударот во водената површина и додаде дека несреќата била предизвикана поради технички дефект, но не откри повеќе детали за дефектот.
Надлежните власти вчера ја продолжија потрагата на местото на несреќата. Досега спасувачите од морето извлекоа 138 вреќи со посмртните останки на настраданите.
Во четвртокот беше пронајдена и црната кутија од авионот, а во тек е анализа на нејзините тонски записи.
Сè уште се трага по втората црна кутија од авионот.











