Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека денешното историско отворање на Новиот аеродром во Истанбул претставува симбол на силата на Турција и нејзиниот успех во изминатите 95 години на постоење, јавува Anadolu Agency (AA).
Денеска во Турција се одбележува националниот празник Ден на Републиката, во знак на сеќавање на прогласувањето на Република Турција во 1923 година. 
Еден од најголемите национални празници во Турција се одбележува со низа пригодни манифестации низ цела Турција, вклучувајќи и полагање венец во Аниткабир, мавзолејот на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
Утрово, посетата на Аниткабир од страна на државниот врв ја предводеше претседателот на Турција, Ердоган, а во првите редови на делегацијата беа претседателот на Големото народно собрание на Турција, Бинали Јилдирим, потпретседателот на Турција, Фуат Октај, претседателот на Републиканската народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, лидерот на Партијата на национално движење (МХП), Девлет Бахчели, претседателката на Партијата ИЈИ, Мерал Акшенер, лидери на други политички партии, началникот на Генералштабот на турската Војска, Јашар Ѓулер, и бројни високи функционери на Турција.
Ердоган, во пораката што ја напиша во Спомен-книгата во Аниткабир истакна дека му е чест да ја предводи делегацијата и народот кои на 95-годишнината од прогласувањето на Републиката уживаат во мир и достоинство. 
Оддавајќи му почит на основачот на Републиката, Ататурк, и на сите негови соборци и загинати херои коишто ја извојуваа победата во Војната за независност, Ердоган напиша дека Турција денешниот празник го прославува со отворање на Новиот аеродром во Истанбул, кој спаѓа меѓу најпрестижните проекти во светот.
„Историското отворање на Новиот аеродром во Истанбул во ек на зачестени напади врз нашата економија е симбол на сила, одлучност и успех што Република Турција ги остварила во изминатите 95 години“, напиша претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.![]()











