Меркел по самитот во Истанбул: На сириската криза и е потребно политичко решение

0
161

Германската канцеларка Ангела Меркел денес изјави дека во Сирија треба да се организираат демократски избори на кои ќе учествуваат сите сириски гласачи во таа земја и оние во дијаспората, јавува Anadolu Agency (AA).

Во Истанбул денес е одржан самит за Сирија на кој домаќин беше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а учествуваа неговиот руски и француски колега Владимир Путин и Емануел Макрон и германската канцеларка, Ангела Меркел.

По завршувањето на самитот лидерите на четирите земји одржаа и заедничка прес-конференција, на која канцеларката Меркел нагласи дека за сириската криза е потребно да се пронајде политичко решение.

„Денешниот самит во Истанбул беше многу конструктивен“, изјави Меркел и додаде дека лидерите на четирите земји, и покрај различните пристапи за некои теми, успеале да усогласат заедничка изјава за кризата во Сирија.

Таа истакна дека во контекст на политичко решавање на сириската криза е многу важен договорот кој турскиот и рускиот претседател Ердоган и Путин го постигнале минатиот месец за воспоставување на примирје и демилитаризирана зона во Идлиб.

„Подготвени сме да сториме се за тоа примирје да го направиме трајно и оддржливо“, изјави германската канцеларка Меркел.

Истакнувајќи дека на самитот разговарале и за сириските бегалци, Меркел изјави дека за враќањето на бегалците во Сирија е потребно политичко решение на кризата.