Саудискиот новинар Џамал ​​Хашоги, кој беше убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул, ја сметаше Турција за клучна земја на новиот Блиски Исток, пренесува Anadolu Agency (AA).

Сара ел Деб, новинарка на „Асошијатед прес“ (Associated Press) од Либан, интервјуираше неколкумина пријатели на Кашоги.

„Пријателите велат дека саудискиот новинар Џамал ​​Хашоги бил горд Арап кој сакал да формира база во татковината на неговите предци, Турција, придонесувајќи за растечката заедница на прогонетите Арапи, кои се засолнија таму“, вели Деб во статијата.

„За Кашоги, љубител на историјата, растечката арапска заедница и моќта на Турција во регионот повторно ги одразија аспектите на Османлиското Царство, кога Истанбул беше центарот на еден богат и мултикултурен Блиски Исток.“

„Кашоги планираше да се ожени со својата свршеница, Турчинка, на 3 октомври, купи дом во Истанбул и планираше да функционира на релацијата Истанбул – американската држава Вирџинија“, се вели во статијата.

Еиад Алхаџи, сириски филмски режисер и пријател на Кашоги, рече: „Ние заедно седевме и муабетевме, двајца странци надвор од нашите земји и општества, за тоа што се случува со Арапите во Турција и во Америка. Јас како Сириец, а тој како Саудиец.“

Фатих Оке, друг негов пројател, вели дека со Кашоги планирале спроведување на одредени проекти.

Во статијата се вели дека во своите последни интервјуа, Кашоги ја истакнувал својата поддршка на Турција за политиката кон Сирија, а го критикувал ставот на саудиските власти околу истото прашање.

Азам Тамими, британски Палестинец, истакнува дека Кашоги во Истанбул пронашол пријатно место за себе.

„Кашоги во Истанбул пронајде едно пријатно место. Во Истанбул не се чувствувате како странец, луѓето, храната, навиките“, вели Тамими.

Тој додаде дека актуелната турска власт од падот на Османлиското Царство, пред 100 години, е најблиска до Арапите, и дека Ердоган и неговата партија се отвориле кон Арапите.

Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

По денови на негирање дека има одредени сознанија каде се наоѓа Кашоги, Саудиска Арабија вчера истакна дека Кашоги починал за време на расправија во Конзулатот.

Според извори од турската полиција, на денот на исчезнувањето на Кашоги, 15 Саудијци, меѓу кои и неколку официјални лица, пристигнале во Истанбул со два авиона и го посетиле Конзулатот, додека Кашоги сè уште бил внатре. Оттогаш, сите идентификувани лица ја напуштиле Турција.

Заеднички турско-саудиски тим ја заврши истрагата за случајот во четвртокот, по претресот на резиденцијата на генералниот конзул, како и на саудискиот Конзулат во Истанбул.