Саудискиот конзул во Истанбул отпатува за Саудиска Арабија само неколку часа откако турските власти објавија дека неговата резиденција ќе биде пребарана во врска исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги, објави турската агенција Анадолија.
Конзулот Мохамед ел Отаиби ја напушти Турција со авион во 14 часот, а од Саудиска Арабија, засега, нема коментар за неговото заминување.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе го претресе неговата официјална резиденција и автомобили кои се во сопственост на конзулатот. Не е наведено кога тоа ќе биде спроведено.
Турските форензичари го завршија претресот на Саудискиот конзулат рано изутрина, две недели откако саудискиот новинар Џамаал Кашоги беше пријавен како исчезнат.
Висок турски официјален претставник денеска изјави дека во текот на претресот на Судискиот конзулат синоќа од страна на полицијата биле пронајдени “одредени докази” што укажале дека таму бил убиен Кашоги.
Турските представници претходно изразија сомневање дека саудиските агенти го убиле Кашоги во конзулатот и се ослободиле од неговото тело. Саудиска Арабија ги нарече овие тврдења “неосновани”, но американските медиуми сугерираат дека Саудијците би можеле да признаат дека Кашоги бил убиен во конзулатот, можеби за време на испитувањето кое тргнало наопаку.











