ОН повикаа на укинување на имунитетот на официјалните претставници на саудискиот Конзулат

0
164

Шефицата за човекови права на Обединетите нации (ОН) денес повика на укинување на дипломатскиот имунитет на официјалните претставници на саудискиот Конзулат во Истанбул, поради расветлување на случајот за исчезнатиот саудиски новинар, пренесува Anadolu Agency (AA).

Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Познат е како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.

„Со оглед на сериозноста на ситуацијата во врска со исчезнувањето на г. Кашоги, верувам дека неповредливоста и имунитетот на релевантните простории и на официјалните претставници доделени со договорите, како што е Виенската конвенција за конзуларни односи од 1963 година, треба да бидат поништени веднаш“, изјави Мишел Бачелет во соопштение.

„Принудното исчезнување и вонсудско убивање се сериозни кривични дела во рамките на меѓународното право“, изјави Бачелет.

Таа додаде дека имунитетот не треба да се користи за попречување на истрагите во врска со тоа што се случило и со тоа кој е одговорен.

„Две недели е многу долг период за можното место на злосторот да не биде подложено на целосна форензичка истрага“, изјави таа.

Шефицата за човекови права на ОН изјави дека должноста на саудиските власти била да откријат што се случило со исчезнатиот новинар, „од таа точка па наваму“.

Вчера турските и саудиски официјални претставници пристигнаа во саудискиот Конзулат во Истанбул, по започнувањето на заедничката истрага за исчезнатиот новинар.

Се очекува саудиските власти да дадат објаснување за судбината на Кашоги, додека неколку земји, меѓу кои особено Турција, САД и Велика Британија, вршат притисок за што побрзо расчистување на случајот.