Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) по спроведениот проект за поправка и опремување, свечено го отвори Одделот за хигиена и претстерилизација во ЈЗУ Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторот на ТИКА Скопје, Ајтекин Ајден, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, и директорот на болницата, Башким Исмаили, го погледнаа завршеното реновирање и донираната медицинска опрема.
На новинарите изјава им даде координаторот на ТИКА Скопје, Ајден, кој истакна дека како институција во Македонија спровеле и сè уште спроведуваат голем број проекти, додавајќи дека за нив од особено значење е поддршката дадена во проектите на полето на здравството.
Координаторот Ајтекин истакна дека ТИКА спроведува сериозни проекти, со цел новите генерации што се раѓаат во Македонија животот да го започнат на поздрав начин и да се намали смртноста на новороденчињата. „Опремувањето на Одделот за интензивна нега на новороденчиња при Државната болница во Скопје, што е претходно спроведен, е еден од најзначајните меѓу овие проекти. Денеска, еден од овие проекти е Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, во која е извршено потполно реновирање, опремување и обновување на Одделот за хигиена и претстерилизација, со што сметаме дека во голема мерка го отстранивме проблемот со хигиената и стерилизацијата во оваа болница“, рече координаторот Ајден.

Тој истакна дека овој проект е од големо значење, посочувајќи дека Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ годинава планира да изведе 4.000 породувања. Тој рече дека Болницата за гинекологија и акушерство во Чаир отсега ќе продолжи своите услуги да ги извршува во поздрава и похигиенска средина.
Градоначалникот на Општина Чаир, Ганиу, истакна дека за болницата е многу е важно споменатиот оддел да работи на најдобар начин.
Заблагодарувајќи им се на директорот на болницата и координаторот на ТИКА за нивниот придонес во давањето поддршка за подобрувањето на квалитетот на услугите, градоначалникот Ганиу изјави: „Статистичките податоци кажуваат дека е забележан раст од над 40 отсто во бројот на породувањата во оваа болница. Луѓето сакаат квалитет. Верувам дека сите доктори, почнувајќи од директорот на болницата, добро ќе му служат на народот“.
Директорот Исмаили истакнувајќи дека денес се собрале по упатеното барање за поправка и опремување на Одделот за хигиена и претстерилизација на болницата, и им се заблагодари на Турција и ТИКА за дадената поддршка.
ТИКА освен реновирањето на Одделот за хигиена и претстерилизација на ЈЗУ Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ и средувањето на околниот простор, на болницата ѝ донираше 2 машини за перење алишта со капацитет од 18 килограми, 3 машини за перење алишта со капацитет од 25 килограми, 3 машини за сушење алишта со капацитет од 35 килограми, индустриски пегли, уред за омекнување на водата, вага за алишта, возила за транспорт на влажни, суви и нечисти алишта, мијалник за перење алишта, плакари за чисти алишта и соба за одмор на персоналот, плакари, маси и столчиња.










