Саудискиот Конзулат во Истанбул под полициска и новинарска присмотра

0
226

Голем број новинарски екипи и понатаму се пред саудискиот Конзулат во Истанбул, чекајќи информации за судбината на новинарот Џамал ​​Кашоги кој се води како исчезнат од 2 октомври, кога влезе во Конзулатот, јавува Anadolu Agency (AA).

Новинарските екипи и утринава дојдоа пред Конзулатот, а целиот комплекс е ставен под максимален полициски надзор.

Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Познат е како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.

Во Турција започна истрага за неговото исчезнување, а репортер на агенцијата „Ројтерс“ (Reuters) претходно јави дека Кашоги е убиен во Конзулатот, откако неколку дена минал како заложник. Истото тврдење го соопшти и Асоцијацијата на турски и арапски медиуми, од која тврдат дека имаат и докази.

Гласноговорникот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, вчера изјави дека Турција и Саудиска Арабија донеле одлука за формирање заедничка работна група, со цел расветлување на случајот со Кашоги.