Саудиска Арабија ќе возврати на евентуални санкции поради случајот Кашоги

0
203

Саудиска Арабија денес вети дека ќе возврати на заканите или на евентуалните санкции воведени поради исчезнувањето на познатиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).

Кашоги исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.

Вчера, американскиот претседател Трамп му се закани на Ријад со „остра казна“, доколку новинарот Кашоги е убиен.

„Кралството ги одбива сите закани и обиди за негово поткопување, било преку заканите за наметнување економски санкции и користење политички притисок, било преку повторувањето на невистинитите обвинувања“, објави државната саудиска новинска агенција СПА, цитирајќи официјални извори.

„Кралството, исто така истакнува дека доколку кон него биде насочен каков било чин, ќе возврати во поголема мера“, додаваат изворите.

Полициски извори соопштија дека истиот ден кога Кашоги пристигнал во Конзулатот, во Истанбул пристигнале и 15 Саудијци, вклучувајќи неколкумина официјални лица, и ја посетиле зградата на Конзулатот во времето кога новинарот Кашоги бил внатре. Сите идентификувани лица ја напуштиле Турција.

Се очекува саудиските власти да дадат објаснување за судбината на Кашоги, додека неколку земји, меѓу се истакнуваат Турција, САД и Велика Британија, вршат притисок за што побрзо расчистување на случајот.