Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, за време на неговата посета на Унгарија изјави дека Европската Унија (ЕУ) треба на Турција да ѝ даде сигнали ако сака Анкара да ја прими во блокот, или отворено да им каже доколку не ги сака во таа заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ако може може, ако не, не. Мора да се биде искрен. Ако планирате да нè земете дајте знак, ако не, кажете ни го тоа“, рече Ердоган на прес-конференцијата, на која присуствуваше и премиерот на Унгарија Виктор Орбан.

Тој истакна дека Европската Унија од 1963 година ја замајува Турција во врска со можното членство во Унијата.
„Од 1963 година ја завлекувате Турција. На ниту една држава членка на ЕУ не ѝ е направена толкава неправда“, рече турскиот претседател.
Се осврна и на кризата во Сирија, напоменувајќи дека во Турција моментално престојуваат 3,5 милиони бегалци од таа земја.
„Во Турција моментално има околу 3,5 милиони бегалци од Сирија и околу 500 илјади ирачки бегалци“, истакна Ердоган.
Тој изрази благодарност до Унгарија за солидарноста и поддршката што ја даде на Турција по обидот за државен удар на ФЕТО на 15 јули 2016 година.
„По обидот за државен удар од 15 јули, Унгарија беше една од земјите која најмногу се солидаризираше со нашата земја. Никогаш нема да ја забораваме оваа солидарност“, рече Ердоган, додавајќи дека целта е Турција и Унгарија да постигнат трговска размена од 5 милијарди долари.
„Минатата година имавме трговска размена од 2,6 милијарди долари. Нашата заедничка цел е оваа бројка во најбрзо време да ја зголемиме на пет милијарди долари“, рече Ердоган.
На прашањето за истрагата за исчезнатиот новинар Џамал Кашоги, претседателот на Турција истакна дека саудискиот Конзулат во Истанбул би требало да докаже дали новинарот Кашоги излегол од зградата или не.
„Наша човечка и политичка должност е внимателно да го следиме целиот случај“, рече Ердоган.
Властите на Република Турција им порачаа на властите на Саудиска Арабија дека очекуваат целосна соработка во истрагата за исчезнатиот Кашоги.
Новинарот и колумнист на „The Washington Post“ (Вашингтон пост) исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Тој е познат како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.
Од друга страна, унгарскиот премиер Виктор Орбан во обраќањето пред новинарите изјави дека Европската Унија не е искрена кон Турција.
„Отворивме многу поглавја од преговорите, но ниту едно од нив не е затворено“, изјави премиерот на Унгарија, додавајќи дека неговата земја ќе продолжи да ја поддржува Анкара на патот кон Унијата.
„Унгарија беше покрај Турција, и понатаму ќе биде“, рече Орбан.
Турскиот претседател Ердоган престојува во посета на Унгарија на покана на унгарскиот претседател Јанош Адер.










