Сириската опозиција и другите антирежимски групи денес го завршија повлекувањето на сето тешко вооружување од линијата на фронтот во Идлиб, северозападна Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според дописникот на АА, силите го повлекле тешкото вооружување од зоната без судири во Идлиб, од линијата на разграничување со сирискиот режим и сојузничките групи поддржани од Иран.
Претходно, во текот на денот, опозициски извор за АА изјави дека опозицијата работела во текот на изминатите денови и во текот на вчерашната ноќ на повлекувањето на тешкото оружје, вклучувајќи ги и ракетните лансери „Град“, минофрлачи и ракети со среден дострел.
Во меѓувреме, турските сили испратија оружје и оклопни возила во демилитализираната зона за да се подготват за патроли со руските сили, согласно договорот склучен меѓу двете земји. Извори од сириската Цивилна одбрана „Бели шлемови“ истакнаа дека тројца цивили се убиени во режимските напади во населените области во зоните без судири во подрачјето на Идлиб, Хама и Латакија.
По состанокот на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега, Владимир Путин, во рускиот град Сочи минатиот месец, двете земји се согласија да се формира демилитаризирана зона во Идлиб, последното упориште на опозицијата во Сирија.
Анкара и Москва, исто така, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се повикува на стабилизирање на ситуацијата во зоната без судири во Идлиб.
Во рамките на Договорот, опозициските групи во Идлиб ќе останат во областите во кои се веќе присутни, додека Турција и Русија ќе спроведуваат заеднички патроли во областите, со цел спречување повторни судири.










