„По Ататурк, Ердоган првиот лидер кој придонесе за рамноправност на малцинствата“

0
460

Новинарите Грци од Истанбул кои сега живеат во Грција, велат дека по Ататурк, Реџеп Таип Ердоган е првиот премиер кој ги смета Грците за рамноправни државјани.

Има околу 50.000 Грци од Истанбул кои се родиле во Турција, а потоа биле принудени да живеат во Грција. Екипата на Anadolu Agency (AA) во Атина се состана со новинарите Стелјо Берберакис, Јорго Карбаки и Манолис Костидис, кои се најпознатите личности меѓу овие граѓани во Турција.

Овие новинари десетици години пишувале за Грција во Турција, а биле и сведоци на кризите меѓу двете земји, од Кипар сè до Кардак. Тие зборуваа за живеењето на Грците од Истанбул, од минатото до денешен ден, за односите меѓу двете земји, како и за перспективите на двете страни на Егејското Море. Покрај тоа што долги години живеат во Атина, тие се чувствуваат како пред извесно време да се вратиле од Истанбул.

Откривме дека Грците од Истанбул кои живеат во Атина, наместо грчките фудбалски екипи, ги поддржуваат турските екипи како Фенербахче, и дека повеќе се заинтересирани за Турската фудбалска лига, отколку за грчката лига.

Костидис истакна дека по 1974 година Грците во Турција се плашеле, и дека себеси се нарекувале со турски имиња, додека сега, според него, можат слободно да ги користат нивните имиња.

„Мојот татко се викаше Нико. Пред 1974 година секој се именуваше со своето име кога вршеше трговија, додека по 1974 година татко ми го познаваа како Нихат. Се криеја. Имаа страв. Моментално (во Турција) се појавуваме како Стелјо, Јорго, Манолис. Ние секаде зборуваме на рамноправен начин, кажуваме кои сме, знаејќи дека слободно ќе ги реализираме верските церемонии, сè што правиме е слободно. Според мене, тоа е најголемата разлика“, рече тој.

Костидис вели дека некогаш се погрешно разбрани од страна на Грците, но дека тој им вели оти Република Турција ги заштитува нив.

Од друга страна, Берберакис рече дека Грција за нив е како странска земја во која се зборува истиот јазик, и која ја има истата религија.

Берберакис нагласи дека во Турција веќе се чувствуваат како рамноправни граѓани. „Точно. Но, постои нешто што се заборава. Ова ние го знаеме. Ова се случи откога Реџеп Таип Едоган стана премиер. Почнавме да се чувствуваме себеси рамноправни. Зошто? Бидејќи во 90-годишната историја на Републиката, односно по Ататурк, Реџеп Таип Ердоган е првиот премиер кој ги смета Грците за државјани. Ние имаме две капи. Ние сме турски државјани, а воедно и припадници на малцинствата“, истакна Берберакис.

Берберакис нагласи дека ниту еден премиер не направил толку колку што направил Ердоган во насока на рамноправното државјанство.

Тој раскажа дека за време на обраќањето на Ердоган при посетата на Атина во периодот како премиер на Турција, слушнал некои претседатели на здруженија на Грци од Истанбул како шепотеле: „На времето да имавме ваков премиер немаше да дојдеме тука“.

Карбаки се осврна на настаните од 6 и 7 септември 1955 година, и рече дека ниту еден поранешен премиер, освен Ердоган, не разговарал за оваа тема.

„Ердоган ги спомена. Рече дека била направена грешка, и дека Грците биле испратени. Неколку пати го кажа тоа. Тоа имаше многу позитивно влијание“, додаде Карбаки.

Тој потсети дека во Истанбул имаат Патријаршија, и дека оваа патријаршија во последниот период добила права какви што не добила никогаш по Османлиите.

Од друга страна, Костидис нагласи дека на островот Ѓокчеада не постоело училиште, но дека сега луѓето се вратиле таму благодарение на Ердоган.

„Немаше училиште во Ѓокчеада. Сега има луѓе што се вратија таму. Тоа го направи Ердоган. Училиштето беше затворено. Во 2013 година беше отворено со четири ученици, а денес има 47 ученици. Грците не ги побараа нивните права преку Грција, туку со Турција“, рече тој.