Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека Турција ќе продолжи да гради блиски односи со пријателските земји на Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).

Во своето обраќање во Големото народно собрание на Република Турција, на првата седница по колективниот одмор, Ердоган најави дека ќе продолжи да гради блиски односи и да ја интензивира соработката со пријателските Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора и другите држави.

„На Балканот вложуваме напори за да изградиме блиски односи со сите земји што ги сметаме за пријателски, како Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора“, порача Ердоган, што беше проследено со аплауз од страна на пратениците во Парламентот.

Ердоган, исто така, најави дека во наредните денови Турција дополнително ќе ги интензивира односите со Русија и Катар, а изрази надеж и за наскоро решавање на проблемите и зајакнување на односите во духот на стратешкото партнерство и со Соединетите Американски Држави (САД).

„Одлучно ќе се бориме во рамките на дипломатијата и правото против тие искривени менталитети кои ни воведуваат санкции под плаштот на еден свештеник кому му се суди за соработка со терористичките организации“, рече Ердоган.

Истакнувајќи дека Турција покажува исклучителна волја за унапредување на односите и соработка со соседна Грција и Бугарија, Ердоган нагласи дека прашањето за статусот на Ерусалим (Кудс) и поддршка на палестинското прашање и понатаму имаат посебно место во надворешнополитичкото делување на Анкара.

Како што Турција продолжува напред во новиот претседателски систем, Ердоган се осврна и на предизвиците со кои се соочува земјата и нагласи дека тие брзо ќе се решат.

„Флуктуацијата во економијата, која не ја одразува реалноста во нашата земја, доведува предизвиците да бидат поочигледни“, додаде тој.

Ердоган потсети дека одредени кругови направиле обид со операции среде ноќ да ја загрозат растечката турска економија, но дека естаблишментот на земјата чекори кон надминување на тие напади.

Потсетувајќи дека Турција згрижила над 3,5 милиони бегалци од Сирија, Ердоган рече дека Турција и понатаму ќе продолжи да вложува максимални напори во правец на политичко решавање на кризата во Сирија.

„Убедени сме дека ширењето на слободните и безбедните зони што ги воспоставуваме во Сирија ќе им овозможат на нашите гости да се вратат во своите домови. Нашата следна цел е да го исчистиме подрачјето источно од Мунбич и Еуфрат од терористичките организации и да го направиме безбедно“, порача Ердоган.

Турскиот претседател Ердоган ја нагласи и одлучноста за елиминирање на терористите и од северен Ирак.

„Нашата цел е целосно да ги расчистиме Синџар и планината Кандил од сепаратистичката терористичка организација [реферирајќи на ПКК]“, рече Ердоган. На планината Кандил е стационирано седиштето на терористичката организација ПКК, чие присуство првично беше во Синџар во 2014 година, под изговор за „заштита“ на локалната заедница на Језидите од терористичката организација ДЕАШ.

Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, вклучувајќи жени и деца.