Денес во Берлин, на прес-конференцијата по состанокот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и германската канцеларка Ангела Меркел порачано е дека Германија сака стабилна Турција која на економски план долгорочно ќе зајакнува, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес во Берлин се состана на работен ручек со германската канцеларка Меркел. На самиот почеток на обраќањето на заедничката прес-конференција, Ердоган истакна дека за време на состанокот со Меркел е постигнат консензус за повторно функционирање на механизмите за соработка меѓу двете земји, кои веќе долго време не работат.
Тој додаде дека Турција на Германија ѝ пренела дека очекува поефикасна борба против терористичките групи.
„Тука се наоѓаат илјадници припадници на терористичката организација ПКК, исто така, тука се наоѓаат стотици припадници на терористичката организација ФЕТО“, порача Ердоган.
Кога станува збор за критиките на сметка на правосудството на Република Турција, Ердоган изјави дека тој нема право да го критикува правниот систем и судовите на Германија, а исто така ни некој друг нема право да го критикува правосудниот систем на Турција.
„Врз основа на довербата која ја имаме едни кон други, неопходно е да ги испорачаме оние кои ќе ги фатиме. Сметам дека тоа ќе ни ја олесни работата“, порача Ердоган.
Ердоган истакна дека Турција и Германија презеле одговорност за време на акутниот период на мигрантската криза, и дека неговата земја планира што побрзо да ги исполни шесте критериуми за либерализација на визниот режим.
Прашан и за Џан Дундар, поранешниот главен уредник на главниот турски весник „Џумхуриет“ (Cumhuriyet), кој побегна во Германија, Ердоган одговори:
„Ова лице (Џан Дундар), според одлуката на турското правосудство е осуден агент, лице кое ги откри државните тајни“, изјави Ердоган, и нагласи дека Турција има најприродно право да бара испорачување на осудено лице на казна од 5 години и 10 месеци затвор.
Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека нејзината земја „сака стабилна Турција, која на економски план ќе зајакнува долгорочно“.
„Работиме на организација на квадрилатерален самит за Сирија со претседателите на Турција, Русија и Франција“, додаде Меркел. За време на состанокот се зборуваше и за борбата против терористичката организција ФЕТО, а Меркел во врска со движењето на Ѓулен, истакна:
„Го осудуваме обидот за пуч на 15 јули, го реков тоа и преходно, тоа е неприфатливо. Потребни ни се повеќе информации за движењето на Ѓулен да го класифицираме како терористичката организација ПКК“, порача Меркел, и додаде:
„Сакаме зајакнување на нашата соработка со Турција на полето на борба против тероризмот, и во тој контекст нашите министри за внатрешни работи ќе имаат почести контакти.“











