„Подготвуваме историски промени во воспитно-образовниот процес во Турција“

0
378

АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави историски промени и новитети во воспитно-образовниот процес во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Во Турција утре започнува новата школска година, а по овој повод турскиот претседател Ердоган објави порака во која наведе дека ова е период на реформи на сите полиња, откако земјата премина во претседателски систем на управување.

„Подготвуваме историски промени во воспитно-образовниот процес кој бара голема трпеливост, труд, искреност и откажување“, порача Ердоган, и им посака многу среќа и успех на сите ученици и наставници во Турција.

Истакнувајќи дека квалитетниот воспитно-образовен систем е одлика на водечките земји во светот кои имаат силна економија и општествена структура, Ердоган наведе дека изградбата на таков систем е важна и за остварување на целите на Република Турција, која има богато културно-историско наследство, млада и динамична популација, способна за големи достигнувања.

„Во борбата за остварување на националните цели и за нивна реализација, најголема сила ни се квалификувани, самоуверени и духовно и патриотски освестени генерации“, порача турскиот претседател, и додаде дека турските власти во изминатите 16 години ги имаат подредено сите капацитети и можности за развој на образовниот систем.

Ердоган наведе дека е свесен дека развојот на технолошките капацитети, модерните школски објекти и инфраструктурата не се доволни за квалитетен воспитно-образовен процес, туку дека клучна улога во тоа има и квалитетниот наставен кадар, во кој Турција, исто така, многу вложува.