ПРИШТИНА (АА) – Министерката за европски интеграции на Косово, Дурата Хоџа, соопшти дека Европскиот парламент денес го изгласал барањето на Комитетот ЛИБЕ за визна либерализација за граѓаните на Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).
Хоџа на својот профил на Фејсбук соопшти дека тоа е добра вест за косовските граѓани, за слободата на движење и за иднината на косовската младина.
„Нашите институции, на централно и на локално ниво, посветено ги реализираа сите услови за либерализација. По оваа исклучителна работа во сите области и на сите нивоа, ова гласање денес претставува благодарност и сведочење дека нашите граѓани заслужуваат слобода на движењето“, напиша таа.
Министерката истакна дека благосостојбата на граѓаните на Косово ќе остане приоритет на Владата и им се заблагодари на Тања Фајон, известувачката на ЕП за Косово, на парламентарните групи во Европскиот парламент и на европратениците кои се согласија со слободата на движење за косовските граѓани, како и за нивното ангажирање визната либерализација да се спроведе што е можно побрзо.
По Европскиот парламент следува одлуката на Советот на министри за внатрешни работи на Европската Унија (ЕУ).
Европската комисија на 18 јули потврди дека Косово ги исполнило сите услови за визна либерализација и ѝ препорача на Европската Унија укинување на визите за косовските граѓани, кои се единствени во регионот со визен режим.











