Турската разузнавачка служба (МИТ) го уапси во Латакија и по безбедни канали го достави во Турција бараниот терорист Јусуф Назик, одговорен за терористичкиот напад во Рејханли, во кој во 2013 година беа убиени 53 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван извор за АА изјави дека МИТ извршила успешна операција во сирискиот регион Латакија и го уапсила Назик, кој соработувал со сириските разузнавачи и го организирал терористичкиот напад во турскиот пограничен регион Рејханли.
Станува збор за терорист кој се наоѓал на „сината“ листа на барани терористи во Турција, а службениците на МИТ по безбедни канали го донеле во Турција и го предале на надлежните институции на понатамошно процесуирање.
Истиот извор изјави дека уапсениот Назик во прелиминарниот исказ признал дека по наредба на сириската разузнавачка служба го извршил планирањето на терористичките напади во Турција и од Сирија организирал транспорт на експлозиви за тие напади.
Назик ги открил и сите детали за Михрач Урал, кој учествувал во терористичките напади во Рејхали, и ги повикал сите пребегнати учесници да се предадат на турските безбедносни сили.
Назик изјави дека е роден во Антакија, ги откри деталите од неговата биографија и призна дека со пријателите ги организирале нападите во Рејханли.
„Наредбата за нападот ја добивме од сириската разузнавачка служба. Не можев да побегнам од турскиот државен апарат, се каам. Фатен сум и донесен од Сирија. На своите пријатели во Сирија им порачувам и тие да се вратат додека не е доцна. Турската држава, нашата држава ќе се погрижат за вас. На сириската држава ѝ порачувам дека Турција е голема држава и дека сигурно ќе бара да ѝ се полагаат сметки“, изјави Назик во исказот.
Турската МИТ со ова ги продолжи успешните операции што претходно ги извршувала во странство, со цел фаќање на припадниците на терористичката организација.
Операцијата во Латакија во потполност самостојно ја извршија службениците на МИТ. Со сопствени активности го лоцираа, следеа, фатија и транспортираа бараниот терорист и не соработуваа со никој од странската служба.
МИТ ги интензивираше операциите во странство по јулскиот обид за воен удар во 2016 година, кој во Турција го изврши терористичката организација ФЕТО. Операциите се спроведуваат во склоп на борбата против тероризмот и координирано со турските безбедносни сили, а на тој начин во Турција се доставени голем број терористи на ПКК и ФЕТО.
Терористичкиот напад во Рејханли се случи на 11 мај 2013 година. Во две експлозии беа убиени вкупно 53 луѓе. Експлозиите се случија покрај зградите на општината и поштата во Рејханли, а материјална штета беше нанесена на 912 станбени, 891 деловен објект и на 148 возила.
Судскиот процес против 33 обвинети лица е завршен во февруари оваа година кога на деветмината обвинети им беа изречени повеќекратни доживотни казни. Уште 13 обвинети се осудени на затворски казни во траење меѓу 10 и 15 години.
Турските органи распишаа потерници за вкупно осум пребегнати терористи, меѓу кои беше и неодамна уапсениот Назик.
Со истрагата е утврдено дека МИТ навремено доставил детално предупредување до тогашниот државен обвинител Озџан Шишман, кој е член на терористичката организација ФЕТО. Шишман го прикрил предупредувањето од МИТ и нападот во Рејханли не беше спречен.








