БЕЛГРАД (АА) – Небојша Петровиќ) Новото засилување на турскиот фудбалски клуб Бешикташ е српскиот репрезентативец Адем Љајиќ. Тој за Anadolu Agency (АА) истакна дека е горд што е дел од екипата на Бешикташ, фудбалскиот клуб со традиција.
Адем Љајиќ, во разговорот со новинарот на АА посочи дека и српската репрезентација и неговиот нов клуб Бешикташ, за симбол го имаат орелот. „Сега сум орел и на Бешикташ и на српската репрезентација“, рече Љајиќ.
По натпреварите во репрезентативниот дрес, Љајиќ истакна дека со нетрпение го чека моментот на тренинзите со „црно-белиот“ тим. „Се чувствувам горд што сум дел од Бешикташ, кој е фудбалски клуб со традиција. Ќе сторам сè што е во моја моќ, на најдобар начин да му се приклучам на клубот“, изјави Љајиќ.
Тој истакна дека негова единствена цел е на теренот да покаже добар перформанс, додавајќи дека е уверен дека ќе ги исполни очекувањата на навивачите.
Изразувајќи го своето задовоство што во Бешикташ ќе биде заедно со Гери Медел, неговиот поранешен соиграч од италијанскиот тим Интер, Љајиќ рече: „Се надевам дека клупските колеги ќе ми помогнат во приспособувањето во новата средина“.
– „Тошиќ ми даде корисни совети“
Љајиќ, велејќи дека одржал кратка средба со тренерот на Бешикташ, Шенол Ѓунеш, изјави: „Тренерот ми соопшти дека на теренот посакува да ме користи на неколку позиции, но се надевам дека ќе играм на позицијата за која сметам дека сум најдобар, а тоа е во линијата зад нападот“.
Љајиќ рече дека за влакно ја пропуштил можноста во Бешикташ да игра со својот репрезентативен колега, Душко Тошиќ. „По неговото заминување во Кина, поразговарав со него. Ми даде многу корисни совети. Особено околу животот и исхраната во Истанбул“, рече Љајиќ.
Зборувајќи за шансите на Бешикташ во УЕФА Лига Европа, Љајиќ го рече следното:
„Сметам дека сме поквалитетна екипа од Малме, Генк и Сарпсборг и нема да биде проблем да одиме во следната фаза од натпреварувањето. Потребно е да напредуваме од натпревар во натпревар, бидејќи секој натпревар со себе носи стапици и опасности. Прво да излеземе од групата, а потоа да сонуваме за поголеми успеси“.











