Белград: Ако Тачи дојде во Прешево, полицијата ќе постапи по налозите

0
380

По повод најавите дека косовскиот претседател Хашим Тачи в среда ќе ги посети општините во Прешевската Долина во Србија, српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека полицијата во овој, како и во кој било друг случај, ќе постапи во рамките на постоечките судски налози.

Како што јави МИА од Белград, на новинарско прашање дали Србија во случај на доаѓањето на Тачи ќе постапи дипломатски или тој ќе биде уапсен согласно српските обвиненија, Стефановиќ одговори дека „има налози од српските судови кои мора да се почитуваат и Министерството за внатрешни работи ќе постапи според судските налози“.

– Тука нема што повеќе да се додаде, истакна Стефановиќ.

Во врска со можната посета на косовскиот претседател на Прешевската Долина се огласи и српската премиерка Ана Брнабиќ, која изјави дека до Владата на Србија „не пристигнала каква било најава за евентуалната посета на Тачи“ и дека тој „мора прво да и се обрати на српската Влада, која потоа ќе донесе решение за ова прашање“.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ исто така изјави дека нема информации за посета на Тачи.

Според тврдењето на дел од српските медиуми, Тачи заедно со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан в среда ќе ги посети општините во јужна Србија, каде живеат Албанци.

ЕК: Недвосмисленост од Србија во врска со Милошевиќ

Европската комисија денеска побара „недвосмисленост од Србија“ во врска со вчерашните изјави на српскиот претседател Александар Вучиќ во Косово за „ликот и делото на Слободан Милошевиќ“, јави МИА од Брисел.

– Помирувањето, нормализацијата и добрососедските односи ќе бидат возможни само ако се отфрлат и надминат политиките од минатото кои донесоа декада мизерија и страдање за Западниот Балкан и неговите народи, изјави портпаролката на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, Маја Коцијанчич.

Таа додаде дека „не смее да се остави простор за двосмисленост и пофалби за оние кои ги спроведуваа тие политики“.

– Помирувањето и добососедските односи се суштината на она за што се бори ЕУ и сите партнери кои имаат европска перспектива мораат да ги почитуваат овие принципи, нагласи Коцијанчич.

Таа при тоа го цитираше претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер кој викендов изјави дека национализмот никогаш не решил ниеден проблем, туку само ги создавал.