Турција, Русија и Иран ќе ги користат сопствените валути во трговијата

0
581

ТЕХЕРАН (АА) – Турција, Русија и Иран се согласија да ги користат своите валути при трговијата меѓу овие три земји, истакна гувернерот на Централната банка на Иран, Абдулнасир Хемати, јавува Anadolu Agency (AA).

Хемати за медиумите нагласи дека во блиска иднина се очекува состанок со раководствата на турската и руската Централна банка и изрази надеж дека одлуката набргу ќе стапи во сила.

Гувернерот ги оцени како плодоносни состаноците во Техеран, за време на трилатералниот Самит за Сирија, на кои присуствуваа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин.

Тој рече дека тие постигнале согласност во однос на трговијата со нафта, гас и за основните производи, а исто така се согласиле и за одредени банкарски прашања.

Хемати потенцираше дека на тие состаноци е постигната согласност американскиот долар да не се користи за меѓусебна трговија.

Тој додаде дека трансакциите ќе бидат правени преку назначени девизни курсеви.

Трилатералниот Самит за Сирија се одржа во петокот, во Техеран, помеѓу турскиот, рускиот и иранскиот претседател.