Работните групи на Република Турција и Русија ги одржаа последните подготвителни преговори во пресрет на Сирискиот самит, јави агенцијата Анадолу (АА).
Турското Министерство за надворешни работи изјави утринава дека турските и руските работни групи одржаа серија состаноци во периодот од 31 август до 4 септември.
Главната тема на состанокот во Анкара била актуелната ситуација во воено зафатената Сирија.
Работните групи најавија продолжување на соработката во наредниот период.
Преговорите се одржани во својство на последни подготовки за трилатералниот самит на Турција, Русија и Иран што ќе се одржи в петок во Техеран.
Турција, Русија и Иран истовремено се и гарантери на мировниот процес за Сирија, кој се одржува во главниот град на Казахстан, Астана.











