По барање на Спортското риболовно друштво „Трофта“ (Пастрмка) Советот на Општина Дебар, едногласно одлучи да побара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, забрана за стопански риболов во Дебарското Езеро.
– Членовите на Советот, кои ги застапуваат интересите на граѓаните, беа запознати од страна на претставници на невалдиниот сектор и спортското риболовно друштво, со одлуката што тие ја донеле на заедника средба со рекреативните риболовци и други граѓани. Едногалсно го поддржавме барањето да се воведе шестгодишна забрана за стопански риболов, кој го осиромашува рибниот фонд. Барањето е испратено до соодветната инситуција и очекуваме позитивен одговор, вели Башким Машкули, претседател на Советот.
Советот, исто така, бара концесијата ,која треба да се одреди следниот месец, да се даде на друштвото „Трофта“, бидејќи езерото им припаѓа на дебрани и тие најдобро ќе се грижат за него.
Актуелниот концесионер ЗЗ „Охриска пастрмка“, Пепи Винца, обвинувањата дека неконтролирано ловел риба и не порибувал вели дека се чиста дезинформација.
– Ловиме риба во рамки на пропишаните критериуми и ништо повеќе. Дури можам да се пофалам дека и појавата на рибокрадци кои пред пет години ги имаше многу, сега се сведени на минимум, дури речиси и ги нема како резултат на рибочуварската служба што ја воведовме веднаш по добивањето на концесијата. Исто така, според планот од Министертвото редовно вршиме и порибување со подмладок од крап и пастрмка, вели Винца.
Посочува дека доколку се сака добро на езерото концесијата треба да се определи што побрзо.
Дебарското Езеро е вештачко езеро на местото каде што реката Радика се влева во реката Црн Дрим кај месноста Шпилски Мост. Тоа е најбогатото езеро со вода од сите вештачки езера во Македонија. Има површина од 13,2 км², 92 метри длабочина и надморска височина од 580 м. Се користи како акумулација за ХЕ „Шпиље“ од 1969 година.
Извор:НоваТВ











