Официјална Москва соопшти дека тројца руски новинари кои заминале во Централноафриканската Република за да снимаат документарец, биле убиени од страна на непознати лица.
Според информациите добиени од различни извори, Руската информативна агенција „ТАСС“, соопшти дека во Централноафриканската Република се пронајдени телата на тројца руски новинари.
Во веста беше истакнато дека возилото во кое се наоѓале новинарите било запрено од страна на непознати лица, по што новинарите биле убиени. Убиените руски новинари се режисерот Александар Расторгујев, новинарот Орхан Џемал и камерманот Кирил Радченко.
Според тврдењата што се појавија во руските медиуми, убиените новинари веќе извесен период престојувале во Централноафриканската Република снимајќи документарец за групата „Вагнер“ која е позната како платена руска воена група.
Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, изјави дека се во постојан контакт со Амбасадата на Русија во Централноафриканската Република и додаде: „Според првичните информации, пронајдени се телата на три лица за кои се верува дека се руски државјани. Во контакт сме со безбедносните сили на Централноафриканската Република“.
Во соопштението што го објави компанијата „Tsentra Upravlyeniya Rassledovaniyami“ која е еден од продуцентите на документарниот филм се истакнува: „Не сакаме да поверуваме во информациите што пристигнаа. Но повеќе не ни остана надеж дека можеби станува збор за грешка. Им изразуваме сочувство на семејствата на Александар, Орхан и Кирил“.











