Министерството за внатрешни работи во соработка со ОЈО за организиран криминал и корупција денеска спроведе мерки и активности за сузбивање на криминална група што се занимавала со недозволена продажба на дрога и оружје.
„Карактеристично за оваа група е што членовите се луѓе кои веќе се осудени и веќе издржувале казна затвор во затворот во Струга. Извршени се претреси во градот и околината на повеќе локации, меѓу кои и во просториите на Казнено поправниот дом во Струга. При претресите во четири објекти во село Велешта кај ќетворицаод претресените пронајдени се четири пиштоли со рамки соодветни за истите, сите полни со куршуми. Претрес е извршен и во селата Ливада и Радолишта како и во стан во центарот на Струга при што се пронајдени околу шест илјади евра како и други материјални докази за сторени кривични дела. Извршен е претрес и во службените простории во струшкиот затвор при што од двајца затвореници е одземена пронајдената докуменатација“, информираа од МВР.
Во акцијата уапсени се шестмина а еден се наоѓа во бегство. Еден од уапсените е осуденик кој се бара со потерница за издржување казна затвор од 13 години за ,,Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
„Во истрагата е утврдено дека на криминалната група и помагал и инспектор од полициската станица Струга и против него ќе бидат преземени соодветни мерки. Пред постапувањето на полициските служебници, пред затворот во Струга, биле забележани две непознати лица со патничко моторно возило ,,Форд фиеста,, со албански регистарски таблички и при обидот да бидат легитимирани, истите не поседувале документи за идентификација . При прегледот на возилото, пронајдена е марихуана и лицата се приведени“, соопштија од МВР.
Од МВР најавија дека ќе продолжат со истрага за обезбедување материјални докази и за други луѓе за кои полицијата се сомнева дека сториле кривични дела, злоупотреба на службена положба.
Полицијата не ја потврди информацијата дека во овој случај е вмешан и директорот на струшкиот затвор за кого претходно медиумите јавија дека помагал на осуденици на слобода да не издржуваат затворски казни.











