Собранието на Република Македонија денеска треба повторно да гласа за Законот за ратификација на Договорот со Грција за спорот за името. Се враќа по вторпат на гласање бидејќи Законот не беше потпишан од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Собранието го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и без против и воздржани. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата. Истиот ден тој беше потпишан од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.
Минатата недела Иванов ја достави одлуката и го информираше Собранието дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.
За да го изгласа законот за ратфикација на Собранието му е потребно мнозинство од 61 глас „за“. Доколку повторно се изгласа, договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Претседателот на Собранието Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чијшто указ Иванов не го потпиша.
Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас на 17 јуни во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Eзеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на Обединетите Нации (ОН) во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.
Според договорот, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име).
Со договорот се признава – македонски јазик, како дел од групата јужнословенски јазици. За државјанство е предвидено: Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија – во сите патни документи.
Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат истиот. Доколку која било од страните не го прифати договорот тоа ќе значи дека тој договор не важи.
Конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.
Извор:НоваТВ
