Министерот за внатрешни работи Хорст Зихофер денес оцени дека предлозите на канцеларката Ангела Меркел за да се намали бројот на мигранти во земјата не се задоволителни. Зихофер му припаѓа на баварското крило на конзервативната ЦСУ која е во коалиција сп ЦДУ на Меркел.
По две недели тензии помеѓу Меркел и Зихофер вечерва се очекува одлуката на Зихофер, одлука со која или ќе се разреши кризата или коалицијата на Меркел ќе се распадне.
Зихофер се закани дека ќе ги врати мигрантите од баварските граници, а ваков потег сигурно би значел вовед во пад на владата на најсилната европска економија.
Зихофер се заканува дека во наредните денови ќе нареди затворање на границите на Германија за мигрантите кои се регистрирани во други ЕУ земји.
За Меркел ова е пресилна мерка. Таа смета дека мерките од ЕУ самитот се доволни. Самитските одлуки предвидуваат поголема контрола на надворешните граници на ЕУ и подобра соработка помеѓу земјите членки за да се спречат барателите на азил да се патуваат во ЕУ од една до друга земја.
По самитот на европските лидери во Брисел Меркел најави договори со 14 земји членки на ЕУ за враќање на дел од бегалците и предложи отворање на прифатни центри за мигрантите во Африка и во земји на ЕУ. Таму ќе се одлучува кој мигрант може да добие азил а кој не.
Но веднаш по овие најави, од Унгарија, Полска, Словачка и Чешка стаса студен туш: овие земји ја демантираа канцеларката.
Меркел се надеваше дека овие европски мерки ќе го задоволат Зихофер но тој го отфrли овој предлог на затворен состанок на неговата партија. Баварскиот ЦСУ во октомври на локални избори треба да се соочи со екстремната десница па ова заострување на миграциската политика најмногу се должи на анкетите кои тврдат дека екстремниот АФД (Алтернатива за Германија) ги има сите шанси да победи.










