Владата преку социјалните медиуми се чини дека веќе ја започна кампањата за претстојниот референдум за Договорот со Грција. Владата преку фотографии со пораки, упатува на тоа дека граѓаните треба да гласаат „ЗА“ на претстојниот референдум кој инаку се уште не е закажан.
Вчера на Фејсбук страницата на премиерот Зоран Заев беше објавена фотографија каде тој се прегрнува со Јенс Столтенберг, и во прилог на фотографијата беше напишано:
„Столчето за Македонија е поставено, останува исполнувањето на нашата домашна задача – ЗА сојуз со земјите членки на НАТО!“
Денеска на Фејсбук страницата на Заев беше објавена фотографија на која тој е во Македониумот во Крушево, проследена со следната порака:
„Македонски јазик и народ – заштитени и зајакнати, еднаш засекогаш, дома и во странство. Македонски идентитет, erga omnes.
Македонскиот јазик е утврден – идентитетот е зачуван. Македонци, македонец, македонка, македонско. Како дома, така и во странство.
Службен јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преведлив на сите јазици во светот. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани“
Во петокот, на истата Фејсбук страница беше напишано:
„Ние се определивме за иднина, со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите граѓани. Имаме историско, вековно решение. Решение со кое го јакнеме идентитетот македонски! Со овој договор ќе биде потврден и зајакнат македонскиот етнички и културен идентитет, еднаш засекогаш. Да кажеме ДА, за македонската иднина“.
Телевизија Телма пренесе дека кампањата ја подготвуваат во владината служба за односи со јавност и засега ќе оди преку социјалните мрежи, а ќе се потенцираат моменти кои во службата се битни за да се разбере суштината на договорот со Грција кој треба да помине и референдум.
-Нема одговор дали има владина одлука за кампањата, кој ја избрал црвено-белата варијанта, и дали за кампањата се трошат и пари на граѓаните. Нема ниту одговор зошто на фотографиите се појавува само премиерот, а ги нема другите министри – објави „Телма“.
Извор:НоваТВ











