Расправа во Парламентот на Израел откако палестински пратеници му честитаа на Ердоган

0
764

Победата на претседателот на Турција и претседател на Партијата за правда и развој (AK Parti) Реџеп Таип Ердоган на изборите во Турција, предизвика вистинска мешаница и жестока расправија во израелскиот Парламент, јавува Anadolu Agency (AA).

Имено, Талиб Ебу Арар, пратеник на Заедничката арапска листа, излезе денес пред говорницата на израелскиот Парламент и на Ердоган му упати честитки по повод изборните резултати.

„На турскиот народ и на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и покрај тоа што некои се лути на него, им честитам за големиот успех на изборите“, рече Ебу Арар во своето обраќање.

Сепак, одредени еврејски пратеници во еден момент остро реагираа на неговите зборови, но Ебу Арар продолжи со обраќањето.

„Му благодарам на Бога илјадапати. Турција е независна и самостојна земја. Нека им е со среќа“, рече на крајот Ебу Арар.

Уште еден пратеник од палестинско потекло, Абдулхаким Хаџ Јахја, исто така, во своето обраќање во израелскиот Парламент му честита на Ердоган и на турскиот народ за изборните резултати.

Еврејските пратеници бурно реагираа и на неговото обраќање.

Заедничката арапска листа во израелскиот Парламент, кој има вкупно 120 места, се состои од 13 пратеници, кои ги претставуваат Палестинците во Израел.